Xiaomi Mi3: разбивање на митот за кинеските телефони

Пет секунди, толку се доволни за да се заљубите во Xiaomi Mi3. Денес ќе ви раскажам како поминав една недела со Mi3 без Nexus.

mi3001За тест го одбрав црниот мат модел (доаѓа и во металик сребрена и во сјајно бела боја).

Хардвер

Кога прв пат го зедов во раце телефонот веќе ми беше јасно дека се работи за одлично избрани материјали за изработка и цврсто и симпатично куќиште. Комбинацијата на сјаен преден и мат црн заден дел ви дава чувство дека во рака држите телефон кој по слободна проценка би чинел дупло од тоа што ќе го платите за овој модел. Правите агли иако делуваат грубо се лесно прифатливи во секојдневната работа и носењето на телефонот во џеб. Порано или покасно пет инчните екрани ќе бидат минимална големина за паметните телефони, па така ќе треба и ние да се прилагодуваме.

mi3002 mi3003

На предната страна покрај сензорот за светлина има и 2MP камера која може да снима и видео од 1080p. Апликацијата за предната камера препознава лица, пол и години. Нема многу комплицирање ниту на задната страна од телефонот, веднаш ќе ја забележите 13MP камера со двоен LED блиц со која исто така може да снимате видео на 1080p резолуција.

Во поглед на надворешниот дизајн имам забелешка единствено на поставеноста на надворешниот звучник. Тој е поставен во долниот дел на телефонот и најчесто е загушен од дланката кога телефонот го држите во хоризонтална положба за игри или видеа. Звукот е доволно гласен и чист и без проблем ќе го слушнете ѕвонењето од џеб.

mi3004

Кога сме кај звукот, првиот тест на телефонот со слушалки за мене беше разочарување (моја грешка). Кога ги приклучив слушалките не забележав дека телефонот од мене побарал да одберам каков тип на слушалки ќе користам, откако видов дека може да селектирам тип на слушалки што ги користам работите се вратија во нормала.

mi3005

Сето ова е управувано од Snapdragon 800 Quad-core 2.3GHz процесор и батерија со капацитет од 3050mAh (за споредба Galaxy S5 има 2800mAh, HTC One (M8) има 2600mAh) или народски кажано може да го малтретираш ден и пол на било која игра или апликација и нема да имаш проблем. Она што беше за мене важно е дека тие ден и пол батерија уствари ми покриваат два работни дена и за мене тој ден и пол е два дена.

Графиката е посебна приказна – на телефонот тестирав околу 20 игри и со ниту една немав проблем, единствено знаеше да ја зголеми температурата после саат време играње што е сосема нормално однесување за сите телефони и таблети со кои сум работел. За тие што се по спецификацијата, чипот е Adreno 330 помогнат од 2GB RAM меморија.

mi3screen001

Софтвер

За секојдневните корисници: Испеглан Андроид со еден куп интересни опции од MIUI 5 и MIUI 6.
За гиковите: Опциja за dual boot, отклучен bootloader и официјална поддршка за CyanogenMod 11.

Иако не сум голем љубител на модифицираните верзии на Android одлучив да го користам телефонот со MIUI 5 за да видам што е она што го добиваат корисниците кога ќе го купат телефонот. За човек кој ги поминал сите верзии на Nexus моделите и сите ванила верзии на Android и CyanogenMod, беше вистинско освежување да пробам малку поразлично искуство со Android. MIUI како концепт потсеќа на iOS и тоа не е воопшто лошо, чудно е за тие што претходно користеле ванила верзии, меѓутоа за новите корисници е лесно прифатливо. Она што го прави MIUI различен од останатите модификации, како на пример тие на HTC и Samsung, е тоа што е создаден од заедницата за корисниците и тој е комплетно слободен и може да го инсталирате на било кој телефон кој е поддржан. Не мора да имате Xiaomi (се чита Шаоми) за да користите MIUI. Срцето на MIUI5/MIUI6 е Android 4.4.4 KitKat и она за што не треба да се грижите е дали ќе добивате следни надградби. Одговорот е – да, ќе добивате редовни надградби на Android. MIUI како платформа ви нуди и неделни надградби, тука е клучниот момент од заедницата за корисниците. Претходно имав прилика да тестирам Android L 5.0 Developer Preview и многу од работите што доаѓаат на оваа верзија веќе се имплементирани во MIUI 5, за што бев пријатно изненаден. Единствена забелешка е дека повремено добивав нотификации за промо видеа на кинески јазик и цел еден дел од оперативниот систем е на кинески (делот за теми и именикот за телефони). Од следната верзија MIUI ќе има официјална поддршка на македонски јазик така да ова нема биде проблем.

Кај MIUI ми се допаѓа дека внимаваат на детаљите, па така на пример лентата за нотификации може да собере еден куп корисни информации: тип на мрежа, интернет сообраќај тој ден, брзина на мрежа, оператор и статус на батерија кој е дискретен без да зазема простор кај часовникот (зелената лента на врвот од екранот).

mi3screen002Од апликации на Google ќе добиете само Google Play Store од каде што ќе може да си ги симнете останатите апликации. MIUI има замена за сите апликации на Google и тоа со прилично добар успех, она што би го издвоил од овие апликации е Calendar кој е многу попрактичен од календарот на Google. Исто така апликацијата за камерата на MIUI во целост го искористува капацитетот на вградените камери, за разлика од камерата на Google која ги нуди само основните функционалности. Ова е нормално бидејќи само Xiaomi знае точно како да го искористи капацитетот на камерата.

За гиковите: Телефонот има две партиции од кои можат да се подигне системот system0 и system1, што значи дека може да имате паралелно две различни верзии инсталирани на телефонот, ова е супер за луѓе што треба да тестираат различни верзии. Она што го прави овој телефон посебен за мене е поддршката за CM11, јас без размислување би го користел како замена за MIUI. Xiaomi Mi3 во комбинација со CM11 би бил помалиот брат на OnePlus One. Сепак MIUI и CM11 се прашање на вкус и навика, во секој случај MIUI ви дозволува да го замените Mi Launcher со launcher по ваша желба. Така на пример, кога го заменив Mi Launcher со Nova Launcher како да добив друг телефон, единствено нешто што ме потсетуваше дека користам MIUI беше секцијата Settings.

Тест резултати

Бидејќи телефонот работи мазно и без никакви проблеми, ова е единствeниот начин да се измери неговата вистинска моќ. Ги користев AnTuTu и Geekbanch како најпознати алатки за тестирање на сложени операции за Android. Поголема бројка значи подобар резултат, а споредбата на сликата е направена со останатите модели од истата класа.

mi3screen003

mi3screen005

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Фотографии направени со камерата на Mi3 без никаква модификација:

MIUI 6

Ако на MIUI 5 имав забелешки на делови кои не се преведени и на појавата на чудни нотификации на кинески јазик, овде тоа го нема. Флет дизајнот во комбинација со одличните анимации потсетуваат на комбинација на најдоброто од iOS8 и Android L. Помеѓу 5 и 6 без размислување би одел на верзија 6 – иако е сеуште во бета, верзијата е доволно стабилна за секојдневно користење.

miui6

Mi додатоци

Додека го користев телефонот носев дреч портокалова футрола која телефонот го прави впечатлив, модерен и она што ми беше мене најважно, заштитен. Она што ми се допаѓа е дека од едно место може да се набави цела палета на додатоци за Шаоми телефоните. Еден мал и симпатичен додаток е Mi Key. Неговата инсталацијата е едноставна – само треба да го вметнете во отворот за слушалки. Во самиот MIUI има апликација Mi Key со која може да конфигурирате акции со додатокот. Јас на пример на еден клик активирав или деактивирав 3G, на двоен клик активирав блиц. Секој може индивидуално да си конфигурира акции со ова додатно копче. Дополнително, истото го заштитува отворот за слушалки од прашина и не пречи во секојдневната работа.

mi3007 mi3009

За крај

Xiaomi Mi 3 го разбива митот за кинеските телефони и не треба да го игнорирате кога избирате нов телефон. Цената која треба да ја платите за телефонот е 17.990 ден и овој телефон влегува во групата на телефони што имаат солиден однос на она што го добивате и она што го плаќате. За комплетно уживање во оваа рецензија, ви препорачувам да скокнете до некое од продажните места, да си поиграте со телефонот и да видите дека се доволни само 5 секунди за да се заљубите.

mi3010