Споделувањето значи дека се грижиме еден за друг

Она што ме загрижува изминатиов период е дека луѓето се помалку споделуваат знаење и идеи. Споделувањето за мене е начин да покажеме дека се грижиме еден за друг, начин да покажеме дека тоа што го правиме навистина го сакаме и не прави среќни. Не очекувам луѓето кои работат исклучиво за пари да споделуваат некакво знаење со заедницата, едноставно тоа не е во нивниот начин на размислување, тие секогаш бараат одговор на прашањето “Што добивам јас од тоа?” секогаш надевајќи се на некаква финансиска надомест. Добивката е многу повеќе од парична награда ако успееш да го видиш тоа. Денес се одлучив да споделам неколку идеи за тоа како јас сакам да изгледа оваа приказна на споделување. Ако успеам да стимулирам барем еден од тој што ќе го прочита ова да направи барем една од работите што ги споменувам ќе ми биде драго.

sharing

Нема да се откажам од идеите затоа тоа што знам дека ова е единствениот начин да бидеме подобри личности за заедницата и поголеми професионалнци во професијата.

Акција: Одвој три твита или три фејсбук статуси за нешто интересно и корисно за сите што е поврзано со твојата професија или хоби

Добивка за заедницата: Заедницата е побогата за три нови информации или идеи. Ги анимира сите да размислуваат на темата и им дава храброст да споделат некоја своја идеја.

Добивка за тебе: Си научил три нови работи кои од шумата на информации си ги препознал како вредни за споделување. Денес ги филтрираш ти, утре ќе ги исфилтрира некој за тебе. Можеби ќе најдеш луѓе кои ќе сакаат да соработуваат со тебе и да ја развивате идејата заедно.

Акција: Почни да пишуваш блог за твојата професија или хоби

Добивка за заедницата: Твоето хоби или професија е повеќе застапено на интернет, се шири кругот на луѓе кои можат да ти се приклучат диреткно или индиректно со свој блог во дискусија на одредена тема. Повеќе блогови со квалитетна содржина, посилна заедница за било која професија. Ова е исклучително важно за новите генерации што доаѓаат, доаѓаат на терен полн со информации.

Добивка за тебе: Aко еднаш неделно се трудиш да склопиш блог пост ќе ти помогне да си ги средиш мислите и да извадиш поенти од она што го работиш или она за што размислуваш. Заедницата веќе почнува да те препознава како човек со пасија за она што го работи, ова го препознаваат и компаниите. Предлог за читање на темата.

Акција: Почни со инволвирање на колегите со кои учиш/работиш во своите идеи, разговарајте како она што го правите секојдневно може да го направите на подобар начин.

Добивка за заедницата: Вакви акции ја движат твојата компанија и твојата образовна институција напред во извршување на работата поефективно и поефикасно, вистинската придобивка за заедницата е кога овие идеи стануваат јавно достапни за сите, не е важно дека другите следат туку дека вие водите.

Добивка за тебе: Проактивност, размислување надвор од секојдневниот начин.

Акција: Покани ги колегите од слична или иста професија од друга компанија да се дружите и да пиете пиво еднаш на две-три недели

Добивка за заедницата: Тука си веќе дел од заедницата, се дружите и споделувате на исто ниво и гарантирам дека после секое пиво сите ќе си замините дома побогати за некоја информацијa. Ги охрабруваш другите да преземат слични акции.

Добивка за тебе: Си започнал успешно движење, си направил традиција помеѓу фелата и се знае дека во среда во 6 во Торос Java програмерите од Скопје пијат пиво (на пример).

Акција: Иницирај интернет дискусии, без разлика дали се во форма на форум, фејсбук групи, хенгаут дружења или било што друго.

Добивка на заедницата: Цела дискусија е јавно достапна, повеќе луѓе поквалитетна дискусија и повеќе идеи и информации од различни точки на гледање. Тука ќе ви дадам само два примери, а вие сами ќе ги препознаете придобивките:

Добивка за тебе: Те прави среќен кога создаваш нешто по што си препознатлив.

За крај, покажи им на луѓето дека имаш страст за она што го работиш или за она хоби што те прави среќен, ако сите споделуваме она што најдобро го знаеме сите ќе имаме точни и прецизни информации за се што се дешава околу нас. Ако мислиш дека постои професија или хоби за кое овие пет работи не можат да додадат никаква вредност расположен сум за дискусија затоа што јас мислам дека не е така.

Она што ме инспирира денес да пишувам за ова е еден статус на мојот колега и пријател Хајан Селмани:

hajan