Осум работи кои сакав да ги знам пред да го напишам првото CV

Како денес се сеќавам дека кога го спремав првото CV за сефте во кариерата, потрошив два дена читајќи како да напишам подобро CV. Ништо од то шо го прочитав не беше точно, во сите статии што ќе ги најдете на интернет ќе ве тераат да пишите комплицирани CV-а кој никој не ги чита. Денес немам стандардно CV, го користам LinkedIn и ако некој е екстремно упорен да добие документ кој ќе биде “мое CV” едноставно правам Export as PDF од LinkedIn и го праќам. Она што сакам да го споделам денес со Вас може да биде еднакво корисно и за тие што прв пат пишуваат CV или го освежуваат постоечкото (ако веќе не се спремни да се префрлат на LinkedIn стил). Генерално точките се за профили кои работат во IT сектор и не можам да тврдам колку се применливи во останати професионални профили.

noidea

  • Биди краток и јасен – две страници A4 формат се сосема доволни. Големите CV-a завршуваат во големите канти.
  • Слика и категорија на возачка дозвола – да, но само ако конкурираш за модел во модна агенција или евентуално за шофер на комбето што пренесува IT опрема, во споротивно се тотално непотребни.
  • Образование – кое звање си го добил со завршување на студиите и на кој факултет. Скокни имиња на универзитети, број на предмети, број на кредити и среден успех.
  • “Одлично работам под притисок и во тим” – никогаш немаш работено ни во тим ни под притисок, то шо се дешава на факултет != (е различно) од тоа што се дешава на работа. Колку и да ти звучи сурово, вистина е.

Ајде малку на техничките детали или на оние кои ќе ти овозможат да добиеш шанса:

  • Проект на кој си горд – без разлика дали е семинарска, проект надвор од факултетот или дипломската работа одбери само еден, оној што ти значи најмногу, оној од кој си научил најмногу. Избери го оној кој е директно поврзан со она што сакаш да го работиш во кариерата. На пример ако конкурираш да работиш како инженер за мобилни апликации, а си работел на проекти кои немаат никакви допирни точки со мобилни платформи тоа значи дека некаде се измешале коцките.
  • Вештини и знаење – најважен дел во целата приказна, тој што ќе го погледне твоето CV најпрво го чита овој дел. Ако очекуваш од компаниите да не бараат еден човек за се и сешто тогаш немој да се претставуваш како таков. Ако се декларираш како кадар со многу познавања од различни технологии тогаш веќе имаш минимум 10 години искуство и не бараш ти работа туку работата те бара тебе и немаш CV :). Во текот на студирањето си се запознал со многу различни технологии: C, C++, XML, HTML, Java, .NET, C# и уште многу други. Да бидиме реални, за сите имаш слушнато, но ниту една не познаваш доволно за да ја ставиш во CV. Ова го знам затоа што и јас имав CV со еден куп технологии кои мислев дека ги знам, после една година ја видов грешката и овој дел од тогаш до денес во моето CV има само Java SE. Биди попрецизен ако е потребно, ако познаваш мобилни платформи напиши ги како надополнување на основното знаење, на пример познавањето на Android повлекува познавање на Java SE, не повлекува познавање на .NET или HTML. Запамти, немој да пишуваш технологии кои никогаш не сакаш да ги работиш! 
  • Побарај препорака за проект – ако има нешто што те прави горд и си го избрал да го ставиш во CV побарај некој од членовите на тимот или професорот да ти напише препорака. Препораката е многу поважна од се претходно и е одличен начин да го завршиш твоето CV и да поентираш кај тој што го чита.
  • Биди искрен и реален – дали нешто знаеш или не и дали си глумел само за да ја добиеш работата ќе им биде јасно на сите уште во првата работна недела. Ќе ти биде јасно и тебе и утре кога ќе конкурираш за ново работно место тој што го чита твоето CV ќе се јави кај некој свој во твојата компанија и ќе го праша за мислење.

Бонус:

  • Социјални мрежи – сподели свои профили од Twitter, GitHub, SlideShare, LinkedIn, Stackoverflow, личен блог или било што друго што е поврзано со твојата личност. Човек со активност на GitHub и Stackoverflow сигурно ја добива работата.

Ако си тазе дипломиран и пробуваш да склопиш CV за сефте вработување во IT тука сум да ти помогнам, ако ништо друго ќе ти дадам мислење на темата. Пиши ми мејл или контактирај ме на било кој начин, немој да се срамиш отворен сум за соработка.