Ефективно барање на инженерски кадар

Два екстремни случаи што сигурно сте ги слушнале од било која IT компанија кај нас:

  1. Пуштивме оглас, се пријавија 30 души, двајца интервјуиравме и не најдовме тоа што бараме.
  2. Никој не се пријави на огласот, неколку месеци го имаме објавено.

Од старт да разјасниме, проблемот не е во кадарот туку во начинот на кој пробувате да стигнете до тој кадар. Работам 5 години во IT индустријата и ви гарантирам дека кај нас има висококвалификуван IT кадар кој Вие како компанија не го гледате заради тоа што имате лош пристап кон регрутирање на нов кадар и проширување на тимот. Објавувањето на оглас нема да го реши проблемот, а може да биде проблем ако огласот е нејасен и во него има еден куп технички изрази. Денес ви направив листа на прашања кои мислам дека треба да ги одговорите кога пишувате оглас и барате IT кадар во случајов инженери (кои вие сакате да ги нарекувате програмери).

kadar

  • Кои сте Вие? 

Доволно е само името на фирмата, ако не ми е познато од прва ќе го отворам сајтот. Нејќам да читам воведи од типот “Ние сме компанија со преку 10 години искуство во ИТ индустријата… работиме чуда прајме”.

  • Колкав е тимот?

Колкав е тимот во кој што ќе работам јас, а не колку имате вработени.

  • Колкав е пазарот на кој што работите?

Колку корисници/клиенти моментално го користат она што би го работел. Илијадници или милиони корисници не е одговор на прашањето.

  • По што сте познати?

Кажи ми еден (1) продукт или клиент по кој сте препознатливи.

  • Што ќе работам јас ако се придружам денес на вашиот тим?

Во една реченица, кој дел од тимот ќе го надополнам.

  • Дали ќе работам front-end или back-end?

Ова прашање е моментално најголем проблем во огласите што ги гледам, никој не го пишува а ова од старт ќе ви ги филтрира луѓето и ќе ви го олесни процесот на регрутирање.

  • Која технологија треба да ја познавам за работната позиција?

Ако ги отворите огласите ќе видите дека има компании што бараат некој што знае: .NET, Java, C#, CSS, HTML, C++, Visual Studio, SQL Server, PostgreSQL, Photoshop, Gimp, Office, Linux. Чекајте малце другари, ваков кадар не постои. Кога некој оди на варијанта од се по малку на крајот испаѓа ништо. Напишете максимум 2 вештини кои се директно поврзани со работната позиција.

  • Кои други технологии се пожелни да ги познавам за да се вклопам во вашиот тим?

Не ова не е местото каде што треба да ми излистате се што ќе ви падне на памет или она што ќе испуштите во претходното прашање. Исто, максимум 2 вештини кои се надополнуваат на претходните. На пример ако примарна технологија која Ви е потребна за позицијата е Java нема логика во пожелни технологии да напишете .NET

  • Дали е потребно претходно работно искуство?

Ако да тогаш нека стои прецизна бројка, нема тука ништо од прилика. Или е минимум (на пример 2+) или е разумен ранг (на пример 3 до 5 години). Горната граница е добра за да се добие претстава за платата која може да се очекува за тие со искуство. Ако барате човек без искуство напишете го тоа јасно. Сум гледал огласи каде што во ист оглас се бараат и луѓе со искуство и без за иста позаиција, скроз нелогично.

За мене ова се клучните прашања кои треба да бидат одговорени во оглас за вработување на инженер, а ова е листата на грешки кои според мене ги прават компаниите:

  • Бараат еден човек за повеќе технологии, ако може за се би било супер.
  • Собирање на CV-а од сите, со мислата “ќе се најдат”
  • Разговараат за образование и титули – Мене првата компанија ме регрутираше без никакво високо образование и без никаква титула.
  • Форсираат да разговараат на тема плата – Ако некој прифати да работи во твојот тим заради платата која си му ја понудил тој утре ќе го остави тимот за некоја друга плата.
  • Ретко даваат шанса на деца кои немаат официјално работно искуство – Овие деца имаат најголем елан и желба за работа и можат полесно да се приврзат за вашиот тим.
  • Користат непознати сајтови за објавување на огласите и ги игнорираат друштвените мрежи – Ако сакаш да регрутираш некој преку Facebook, Twitter или G+ почни дискусија со него на заедничка тема, не му пласирај одма линк со понуда за работа.

Најважно: Пред да го објавите прочитајте го огласот, ако звучи како комерцијална презентација за на радио од ’98 не е добар.