Блогираме за Андроид

Ви текнува на вашиот омилен агрегатор на македонски блогови – Блогираме?

Дозволете да ја претставам Блогираме за Андроид – бесплатна македонска апликација со интуитивен дизајн,  која ја носи моќта на блогирањето директно на вашиот мобилен уред.

Нестрпливите можат веднаш да ја преземат од Google Play, а за Андроид ентузијастите еве ги техничките детали:

Што е потребно за инсталирање на Блогираме:

  • Андроид верзија 2.2 (дел од анимациите/контролите се достапни за корисниците со верзија 2.3 и поголема)
  • Интернет пристап

Кои дозволи ги користи Блогираме:

  • INTERNET – потребно за комуникација со сервер и приказ на блоговите
  • ACCESS NETWORK STATE – потребно за проверка дали постои интернет пристап

Дизајн:

Основната идеја зад дизајнот на Блогираме за Андроид е интуитивниот  кориснички интерфејс кој на корисникот ќе му овозможи лесен пристап до најпопуларните и најновите содржини од македонските блогови кои се прикажуваат на blogirame.mk

Затоа апликацијата ги следи препораките за дизајн на Google (со мали модификации за да се долови препознатливиот изглед на blogirame.mk)

  • Sherlock Action Bar – една од најдобрите иновации во поглед на дизајнот воведена во Ice Cream Sandwich (Андроид 4.0).
    Блогираме за Андроид ја користи Шерлок имплементацијата за да се овозможи добар дел од функционалностите на уредите кои работат на помали верзии на Андроид. Иконите од менито како Пријави Се, Сподели, Категории и препознатливото ЕХО се префрлаат во алатникот за едноставна корисничка интеракција/навигација
  • Gallery – приказ на 20-те најпопуларните односно најгласните содржини во хоризонтална листа со голема централна слика заедно со името на блогот и насловот на статијата
  • Pull-to-refresh List – приказ на најновите содржини во вертикална листа која користи pull-to-refresh за освежување (од горе) или вчитување повеќе резултати (од доле)
  • Horizontal Progress Bar – за прикажување на напредокот при вчитување на содржината
  • Pop Up Window – приказ на категориите како прозорче која се појавува откако ќе се избере соодветната опција од алатникот
  • Custom Item Layouts – стилизиран изглед на записите во листите за верност со препознатливиот изглед на blogirame.mk

Една од карактеристиките на апликацијата која лесно ќе ја воочите е криењето на галеријата со најгласните статии кога корисникот ја разгледува листата со најновите. Ова ослободува значителен дел од екранот со што листањето на најновите статии станува многу попрегледно. Со враќање на почетокот на листата или со избирање на Врати се на врвот опцијата која се појавува на алатникот корисникот може да ги врати најпопуларните статии на екранот.

Функционалност:

Блогираме за Андроид е базирана на less is more парадигмата и нуди:

  • Приказ на најпопуларните т.е. најгласните статии од македонските блогери
  • Приказ на најновите статии од македонските блогери
  • Можност за споделување на омилените статии
  • Приказ на статии по категории

Технички работи:

Апликацијата е работена со најновите Андроид развојни алатки, но со внимание корисничкото искуство да не се наруши на уреди кои го немаат најновиот Андроид оперативен систем или пак немаат моќен хардвер:

  • Корисниците кои имаат Ice Cream Sandwich во целост ќе ја искусат убавината на Holo изгледот
  • Користи Android Support Package и целосно е реализирана користејќи фрагменти
  • Комуникација со сервиси преку Async Task (неблокирачки повик)
  • Комуникација со сервер преку  размена на JSON објекти за оптимално користење на ресурсите
  • Lazy Image Loading – сликите на статиите се вчитуваат и ажурираат на екранот во реално време откако ќе се прикажат содржините.
  • Built-in Web Browser – за прикажување на статиите во рамка која овозможува користење на ЕХО и споделување на содржините
  • Home/Back навигација низ апликацијата

Изворен код:

Филозофијата на Блогираме за Андроид е пласирање на квалитетна македонска апликација која ќе се користат за пристап и споделување на квалитетни содржини напишани од македонски блогери и ентузијасти. Бидејќи моќта е во заедницата апликацијата е бесплатна и со отворен код. Кодот е пишуван според стандардните Java/Android конвенции, модулиран и често коментиран. Истиот можете да го преземете од GitHub и слободно да го користите во целост или делови од него.

За во иднина:

Насоката во која што ќе се развива Блогираме за Андроид генерално ќе зависи од повратната информација на корисниците. Ќе ги отстрануваме грешките, деловите кои им се допаѓаат ќе ги надополнуваме, деловите кои им сметаат ќе ги отстрануваме и ќе ги прошируваме функционалностите соодветно. Дел од работите кои дефинитивно ќе ги разгледаме се:

  • Можност за пријавување
  • Можност за користење на ЕХО

Дел од работите кои во иднина најверојатно ќе ги разгледаме се:

  • Персонализирани листи на омилени блогови
  • Приказ на статии според  блог
  • Пејзаж ориентација со различна поставеност на елементите
  • Оптимизација за таблет уреди

Контакт:

За било какви прашања, предлози, критики можете да ме контактирате на dimoski.ivan@gmail.com или пак оставете го вашето мислење и оценете ја апликацијата на Google Play.

Исто така можете да ги погледнете и останатите апликации кои сум ги изработил, да ме следите на Твитер или пак да го погледнете мојот блог – Здраворазумен Хејтеризам.

Благодарност:

Блогираме за Андроид не би постоела да не беа следните луѓе:

  • Шокаровски – мајстор за веб технологии
  • Стариот – заслужен за изгледот на Блогираме
  • Педо – брилијантни идеи за корисничко искуство
  • Искрич и Нечовски – без нив двајца ништо од ова немаше да постои
  • Зуберот – што ми отстапи простор на неговиот блог
  • Зец – бидејќи ми е непресушна инспирација и репер за ниво на опуштеност што сакам да го достигнам во животот